Во текот на изминатиот викенд се одржаа три престижни голф турнири – „Херо Опен“, „Баракуда Чемпионшип“ и „ВГЦ-ФедЕкс Ст. Џад Инвитејшонал“. Токму на последниот од нив, конкуренцијата беше најголема имајќи во предвид дека настапуваа голем број на светски врвни голфери. Турнирот се одржуваше во Мемфис, Тенеси и имаше награден фонд од 10,5 милиони долари. Ова беше вкупно дваесет и второ издание на ова натпреварување, а, досега, најуспешен е Тајгер Вудс со вкупно осум трофеи.
Вчера, до победата дојде Американецот Џастин Томас, што воедно е неговиот втор триумф на овој турнир. Во првите два дена, Томас ги заземаше четвртата и петтата позиција, а одличниот четврти ден, во којшто имаше учинок од (-5), му ја донесе победата со вкупен резултат од (-13). За Американецот, ова е вкупно тринаесетта ПГА победа во кариерата и прва после 5 јануари 2020 кога го освои „Сентри Турнамент оф Чемпионс“. Второто место, со (-10) го поделија четири голфери – Даниел Бергер, Брукс Коепка, Том Луис и Фил Микелсон.
На „Херо Опен“ победи Англичанецот Сем Хорсфилд, додека на „Баракуда Чемпионшип“, најдобар учинок имаше Ричи Веренски.



