Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, со убедлива победа го започна настапот во квалификациите за Вимблдон. Таа во првото коло ја совлада шпанската тенисерка Анхела Фита Болуда со 2:0 во сетови (6:2, 6:4), по 79 минути игра.
Ѓорческа доминираше во текот на целиот натпревар и реализираше пет брејка од осум можности, додека нејзината противничка искористи две од трите брејк-шанси. Македонската тенисерка беше поуспешна и во вкупниот број освоени поени, со однос 63:51.
Особено впечатлива беше нејзината игра на мрежа, каде што освои 11 од 13 поени, покажувајќи сигурност и агресивност во клучните моменти. Од друга страна, Болуда реализираше 7 од 21 поен на мрежа.
Со овој триумф, Ѓорческа обезбеди пласман во следната рунда од квалификациите и продолжува во борбата за место во главниот турнир на најпрестижниот тениски Грен слем, Вимблдон.




