
Шампионите од 2021, Тампа Беј Баканирс, се наоѓаат во сериозна резултатска криза.
Во првиот меч од осмото коло, Тампа го запиша четвртиот пораз на последните пет средби, откако загуби од Балтимор Рејвенс со 22-27.
Баканирс водеа со 10-3 после првото полувреме, но гостите ја вратија предноста на своја страна во третата четвртина со серијата од 14-0.
И покрај конечниот резултат, двајцата квотербекови одиграа солидни партии: за Тампа Беј, Том Брејди освои 325 јарди од 26/44 додавања и еден тачдаун, додека за Рејвенс, Ламар Џексон уфрли два тачдауни и имаше вкупно 281 јард.
Освен шутерите Рајан Сакоп и Џастин Такер, по шест поени постигнаа Леонард Фурнет и Хулио Џонс за Бакс, односно Девин Дуверне, Кенјан Дрејк и Ајзеа Лајкли за ,,Гавраните”.
Во Американската конференција, Балтимор (5-3) се искачи на петтото место, а Тампа Беј (3-5) падна на тринаесеттата позиција во НФК.




