
За првпат во кариерата, актуелната лидерка во Светскиот куп во биатлон, Марте Олсбу Роиселанд се закити со олимписка титула.
Норвежанката (20:44,3) беше стопроцентна во стрелачкиот дел што, заедно со брзото скијање, беше доволно за триумф на денешниот спринт.
На втората позиција заврши Швеѓанката Елвира Оберг (+30,9), која, својата најдобра сезона во кариерата ја круниса и со првото олимписко одличје.
Доротеа Вирер (+37,2), после двете бронзи од мешана штафета на претходните две ЗОИ, го освои и третиот бронзен медал, односно прв индивидуален во својот живот.
Десет секунди зад пиедесталот заврши Лиза Тереза Хаузер (+47,3), а пласманот во топ десет го комплетираа Ингрид Ландмарк Тандерволд (+1:00,2), Кристина Резцова (+1:05,0), Ана Магнусон (+1:05,9), Јулија Џима (+1:07,5), Ане Бекон (+1:08,8) и Алина Стремус (+1:15,2).




