
Питсбург Стилерс останаа во игра за пласман во доигрувањето, откако во претпоследното коло ги поразија Кливленд Браунс со 26-14.
За Стилерс, овој триумф беше од исклучителна важност за преземање на второто место во АФК Север, додека Кливленд и дефинитивно остана без плејоф.
На мечот, домаќините водеа цело време, започнувајќи од втората четвртина, дозволувајќи им на гостите доближување само до 13-7, односно до 19-14.
За Браунс, квотербекот Бејкер Мејфилд уфрли 185 јарди од 16/38 обиди, две пресечени додавања и два тачдауни кон Дејвид Нџоку и кон Херисон Брајант.
На спротивната страна, квотербекот на Стилерс, Бен Ротлисбергер, познат како ,,Биг Бен”, го одигра својот последен натпревар на домашен терен.
На него, Американецот уфрли 123 јарди од 24/46 комплетирања, еден тачдаун и еден пресечен пас и доби стоечки овации од публиката за долгогодишниот придонес во дресот на Питсбург.
Тачдаунот на ,,Биг Бен” заврши во рацете на Дионте Џонсон, а другиот играч што ја внесе топката во противничката енд-зона беше Наџи Херис (188 јарди со трчање), врз кој се базираше играта по земја на домашниот состав.
Останатите поени и на двете екипи беа дело на шутерите Чејс МекЛафлин (Кливленд) и Крис Босвел (Питсбург).
Во соработка со НФЛ Македонија




