По тешките физички зимски подготовки следна фаза за македонските женски фудбалски клубови е контролните натпревари. Први на мегдан излегоа на тест, ЖФК Тиверија која имаше пријателска меѓународна проверка против ЖФК Спортика Благоевград и стигнаа до лесна победа од 4:0 и тоа против тим кој е на трето место на прволигашката табела во Бугарија.
Погодоците ги постигнаа капитенката Александра Ристовска со гол во 13. минута и со резултат од 1:0 се замина на полувреме. Во вториот дел со двата погодоци на Теодора Димоска во 51 и 63. минута и голот на Теодора Николовска во 89 минута струмичанки дојдоа до убедлива победа од 4:0 за успешна прва контрола.
Тимот на ЖФК Истатов гостуваше на тимот на ЖФК Речица и стигна до рутинска гостинска победа од 1:3 на полувреме 0:3. Погодоците за истатовки ги постигнаа Ели Јаковска која беше двоен стрелец и еден гол постигна Јана Чубриноска.
Во првиот дел ЖФК Истатов играше во најсилниот состав, додека во вториот дел тренерот Кирил Изов им даде шанса за настап на сите останати фудбалерки од клупата за резерви. Следниот викенд екипата на ЖФК СЦ Истатов патува во Србија на двомеч со суперлигашот Машинац од Ниш.



