Вал ди Фиеме беше домаќин на првото натпреварување во ски скокови после Новогодишната турнеја. На вчерашните квалификации на малата скокалница (ГС 106) славеше Давид Кубацки пред Карл Гајгер и Штефан Лаје. На денешното натпреварување, доста фаворити потфрлија во првата серија. Јунширо Кобајаши, Филип Ашенвалд и Роберт Јохансон не се пласираа во втората серија, а Мариус Линдвик беше дисквалификуван заради непрописно одело. Дури и после втората серија, неколку солидни скокачи завршија со послаб пласман. Најмногу потфрли актуелниот шампион, Рјоју Кобајаши, кој заврши на 26. место. На пласманите од 13. до 19. место завршија тројцата браќа Превц, а најдобар Словенец беше Анже Ланишек на 10. позиција. До најдобар пласман во кариерата стигнаа Пиус Пашке и Константин Шмид завршувајќи на 8. односно на 5. место. Давид Кубацки напредуваше пет позиции во втората серија т.е. од осмата, заврши на третата. Штефан Крафт беше второпласиран, а до третата победа во својата кариера стигна Карл Гајгер. Со оваа победа, а и со потфрлувањето на Рјоју Кобајаши, Германецот го превема водството во генералниот пласман.



