„Авива Стадиум“ во Даблин беше домаќин на увертирата на второто коло на овогодинешниот куп на шест нации во рагби. Во овој натпревар, се соочија домаќинот Ирска и претставниците на Велс. Во првото коло, Ирска беше поуспешна од Шкотска со 19-12, а Велс со неверојатни 42-0 ја прегази селекцијата на Италија.
На денешниот натпревар, Ирска дојде до втората победа во низа на ова натпреварување откако успеа да слави со 24-14. Резултатот на полувремето изнесуваше 12-7 во корист на играчите од „Смарагдниот остров” благодарение на есеите на Лармур и Фурлонг, како и конверзијата на Секстон. За Велс, поените во првото полувреме ги постигнаа Вилијамс, со есејот во 28. минута и Бигар со успешната конверзија. Во второто полувреме, Ирска постигна два есеи. Овие полагања беа дело на Ван Дер Флиер во 47. односно на Конвеј во 75. минута. Секстон успеа успешно да го конвертира само едниот есеј. Веќе по истекот на регуларните осумдесет минути, Велс дојде до намалување на водството со есејот на Тупурич и конверзијата на Халфпени за поставување на конечните 24-14.
Во наредното коло, Ирска ќе гостува во Англија, а Велс ќе ја пречека Франција.