Еден од најпознатите шведски ски-центри, Фалун, е домаќин на натпреварувањата од светскиот куп во крос-кантри за овој викенд. Овој ски-центар, беше домаќин и на четири светски првенства (1954, 1974, 1993 и 2015). На денешната програма беа спринтовите во машка и во женска конкуренција. Кај дамите, првопласираната во генералниот пласман, Терезе Јохауг, го заврши своето учество во полуфиналето завземајќи го последното шесто место. Од фаворитките, во четврт-финалето отпаднаа и Керту Нисканен и Џесика Дигинс. Интересна ситуација имаше во полуфиналето кадешто во побавната трка, втората позиција ја поделија Астрид Јакобсен и Софи Колдвел. За да не дојде до дискриминирачки моменти, двете натпреварувачки добија дозвола за настап во финалето кое за прв пат беше составено од седум скијачки. Како најбрза, на крајот, излезе домашната Лин Сван којашто ја освои својата трета победа во кариерата. Во фото-финиш беше одредена и втората позиција која ѝ припадна на Наталија Непрјаева, а на третото место заврши другата Швеѓанка – Јона Сундлинг.
Првопласираниот во генералниот пласман кај мажите, Јоханес Тингнес Клебо, заради фрактура на прстот на раката не беше на стартот на овој спринт. Од фаворитите, Сергеј Устиугов, Ришар Жуве и Глеб Ретивик го завршија својот спринт во четврт-финалето. Во полуфиналето, од подобрите спринтери, отпадна Кале Халфварсон, Ристомати Хакола и Лука Шанава. Во финалето, најбрз беше Паал Голберг кој ја освои својата петта победа. Зад него, на подиумот, беа неговиот сонародник Ерик Валнес и Русинот Александер Болшунов. Федерико Пелегрино, Хаавард Таугбол и Теодор Петерсон ги завземаа останатите позиции во финалната трка.



