Првиот натпревар од овогодинешното СП во рагби го одигра домаќинот Јапонија против Русија на преполниот „Аџиномото Стадиум”. Јапонија откако респектабилно се покажа на изминатото СП совладовајќи ја ЈАР, овде важеше за голем фаворит. Ова беше прво СП за Русија од 2011.
Сепак, Русите феноменално го отворија дуелот постигнувајќи го најбрзиот есеј во историјата на СП. Поентер беше Голоснитски уште во петтата минута. Јапонците успеаја да ја стабилизираат играта, па до крајот на полувремето постигнаа два есеја преку Матсушима кој стана првиот играч што постигнал две полагања на СП за Јапонија после Џејмс Арлиџ против Франција на 10. септември 2011.
Во второто полувреме, Јапонците постигнаа уште два есеја – прв за Лабушање и трет за Матсушима. Матсушима стана единствениот играч кој постигнал хет-трик на првиот натпревар од едно СП. Русите, во вториот дел, единствено успеаја да постигнат 3 поени од пенал. Натпреварот заврши со резултат од 30-10 во корист на Јапонија.
Од 1995 година наваму, домаќините на СП го победиле својот прв натпревар во шест наврати од можни седум. Единствен исклучок е поразот на Франција од Аргентина од 12-17 во 2007.



