Автор: ЃОРЃИ ИЛИЕВ
VAR-Смртта на фудбалот
Во денешно време, video assistant referee (или накратко VAR), се користи во фудбалот за да им помогне на судиите во комплицирани ситуации: дали топката ја преминала линијата, дали фаулот бил за црвен картон, дали и гестот (да и гестови) е за казна ? Сепак, нажалост тоа не се случува. Напротив, се создаваат уште поголеми проблеми.
The International Football Association Board (IFAB) во 2018 одлучи да го стави ова како дел од фудбалот, предизвика еден куп проблеми и со клубовите, и со судиите, па и со фанови на спортот. На никој не му се допадна идејата да има „машина“ која ќе го претвори фубалот во мртва игра. Гол-линијата барем има некое значење, но ова никој не го прифати уште од првиот ден кога беше најавено минатата година. И покрај бунтовите против ова правило да се вметне во фудбалот, сепак се случи. И година дена подоцна, еве сме тука. Сите го следиме фудбалот со страв и незаинтересираност. Дали ќе победиме, дали ќе изгубиме; не зависи до тимовите веќе, туку од машината.
Во саботата, натпреварот помеѓу Liverpool F.C. vs Watford беше ненајдено прекинат во последните минути од натпреварот за да се направи анализа на голот кој играчот на „црвените“ – Мохамед Салах, го постигна. Самиот играч беше во чиста позиција. Немаше никаков офсајд. Прими топка од неговиот колега Дивок Ориги и Салах со пета ја позиционираше топката во мрежата на противничкиот гол. Сите се израдуваа на тој момент, а јас се нервирав бидејќи со тој гол, ќе добијат 3 поени и шансите за некој да ги стигне ќе се намалат. Но, поплаките на тимот на Watford беа прифатени и беше одлучено да се прегледа целата ситуација со VAR. На самата снимка, беше чист гол. Играчот не беше во офсајд. Не самошто не беше офсајд, туку сите тие таму што беа да го гледаат натпреварот, изгубија можеби 5 минути од нивниот живот гледајќи една снимка која не ни требаше да биде прикажана.
Не само тоа, туку и во други натпревари, VAR казнува дури и ако играчот направи лизгачки старт (а тој самиот е добро започнат со намера да ја одземе топката од противникот).
Поради ова, многумина и не го следат големиот фудбал. Под тоа се подразбира оние големи лиги кадешто играат најдобрите. Или не гледаат, или ќе го гледаат фудбалот од подолните лиги, кадешто овие работи ги нема. И јас сум меѓу овие фанови. Веќе подолго време гледам Championship, Football League 1 и Football League 2 и искрено кажувам, натпреварите таму се многу поинтересни и „живи“ за разлика од оние каде технологијата преовладува. Се надевам дека можеби ваквиве работи во иднина ќе бидат тргнати и фудбалот ќе се врати на потрадиционалниот метод на игра како што е во подолните лиги.



