Двете најпознати екипи од југозападна Англија го сочинуваат дербито на Девон – Ексетер Сити и Плимут Аргајл. Овие две екипи моментално се натпреваруваат во англиската четврта лига и имаат една иста цел – промоција во Лиг 1.
Денес, на „Сент Џејмс Парк” во Ексетер, во рамките на 16. коло од Лиг 2, се соочија овие жестоки ривали. Ексетер убедливо славеше со 4-0, најповеќе благодарение на Ники Лоу кој постигна два погодоци (едниот од пенал). Другите два гола ги постигнаа Паркс и Вилијамс. Со оваа победа, Ексетер изби на третото место што осигурува директен пласман во повисокиот ранг. Плимут се наоѓа на осмата позиција имајќи во предвид дека има натпревар повеќе од конкурентите.



