Увертирата на новата сезона во алпското скијање ни пружи невидена сензација ! Сензацијата започна уште во првата серија, но во втората серија, најпрво, пријатно нè изненадија Грич и Твиберг кои напредуваа по 20 позиции и завршија на осмата односно на шестата позиција. Во првите пет се најдоа Брињоне и Холтман, а третопласирана беше Теса Ворли. Сензацијата беше на прагот кога тинејџерката од Нов Зеланд и второпласираната после првата серија, Елис Робинсон, се искачи на првата позиција. Остануваше уште само Микаела Шифрин којашто важеше за голем фаворит во однос на Робинсон. Сепак и Шифрин „клекна на колена” и заврши второпласирана со заостаток од само 6 стотинки. Ова беше прва победа и втор подиум во кариерата за Робинсон во светскиот куп.
„Навистина сум шокирана и многу сум среќна и возбудена. Многу брзо ја засакав патеката, снегот беше одличен.” – низ плач истакна младата Робинсон после трката.



