Рагби репрезентацијата на Англија ја запиша најубедливата победа во досегашниот тек на овогодинешното СП. На „Сапоро Дом” прикажаа доста убедлива партија во којашто со 32 разлика ги совладаа популарните „Икале Тахи” (Морски Орли) од Тонга. Тонганците пред почетокот на натпреварот одлично ја загрејаа атмосферата со хака, но ни тоа не ги спречи Англичаните фуриозно да влезат во дуелот. Нападот на Тонга беше прилично импотентен, а единствените поени ги постигнаа во 14. минута преку пенал. За разлика од нив, Англија постигна четири есеја од кои два беа дело на Туилаги во првото полувреме, а по еден во вториот дел постигнаа Џорџ и Коуан-Дики. Сето тоа беше проследено со три успешни конверзии и три прецизни пенали.



