Екипата на Њу Џерси Девилс неочекувано славеше против актуелните шампиони Ст. Луис Блуз и им ја прекина серијата од осум последователни победи. „Ѓаволите“ на овој натпревар беа подобри со 4-2, а стрелци на головите беа Јеспер Брат, Дакота Мермис, Конор Керик и Џои Андерсон. За Ст. Луис погодија Винс Дан и Џејден Шварц.
Од тимот на домаќините, Дакота Мермис го запиша својот прв погодок во НХЛ на својот осми натпревар.
„Екстремно горд сум на овој тим. Начинот на којшто отидовме и се боревме. Имавме план, а за да се победи тим како Ст. Луис, потребно е да се придржувате до планот цели шеесет минути. Одлично издание на тимот.“ – се огласи за медиумите Ален Насредин, тренерот на Њу Џерси.
Со оваа победа, Девилс се наоѓаат на четиринаесеттото место на Истокот, додека Ст. Луис и покрај поразот останува на првото место на Западот.



