Екипата на Ванкувер Кенакс беше во одлична позиција за пласман во плејофот пред само две недели. Оттогаш, се соочува со повреди на двата најважни играчи – напаѓачот Брок Босер и голманот Јакоб Маркстром. Од нивното отсуство успеа да забележи само две победи, а во меѓувреме да запише четири порази во низа. Токму втората победа беше остварена синоќа и тоа против фаворизираниот тим на Колорадо Аваланш. Хокеарите од Британска Колумбија славеа со резултат од 6-3. Стрелци на головите за Кенакс беа Трој Стечер, Џеј Ти Милер, Зек МекИвен (х2), Антоан Русел и Танер Пирсон, додека за Колорадо погодија Ерик Џонсон, Габриел Ландеског и Валери Ничушкин.
За Колорадо, ова беше втор пораз во низа, но сепак останува на второто место, додека Ванкувер сега е седмопласиран со три поени заостаток во однос на шестопласираните Калгари Флејмс.



