Екипата на Ванкувер Кенакс, во својата „Роџерс Арена“ ја дочека екипата на Нешвил Предаторс. Кенакс беа поуспешни со 6-2 прекинувајќи ја низата од четири последователни порази. Домаќините, по дваесетина минути игра поведоа со 4-0 преку Зек МекИвен, Брендон Сутер, Џорди Бен и Танер Пирсон. Кон средината на втората третина, Нешвил за минута ипол намали на 4-2 со головите на Крег Смит и Микаел Гранлунд. До крајот, Ванкувер постигна упте два погодоци кои беа дело на Џеј Ти Милер и Џејк Виртанен. Третата третина ќе остане запаметена по големиот број на казни – по пет и на двете страни за вкупно 52 казнети минути ! На овој натпревар, Квин Хјуз забележа три асистенции. За него, овој натпревар беше четврти во оваа сезона кадешто асистирал најмалку три пати. Со ова достигнување, Американецот стана првиот одбрамбен играч кој во својата дебитантска сезона имал најмалку четири такви натпревари после 1979/80 кога тоа му пошло од рака на Реј Борк.



