Дербито на денот во НХЛ, синоќа го одиграа екипите на Бостон Бруинс и Далас Старс. Домаќините славеа со 4-3 после возбудлив натпревар. Најпрво, Далас поведе преку Џејми Бен, а заклучно со втората третина, Бостон направи серија од 3-0 благодарение на Чарли Којл, Бред Маршанд и Ник Ричи. Далас успеа да намали на 3-2 преку Денис Гурјанов во воведните минути од последната третина, но Бостон, само две минути подоцна, си ја врати предноста од два гола благодарение на Давид Пастрнак. До крајот, Далас само успеа да намали на 4-3 преку Миро Хеисканен.
Бостон, со оваа победа, ја прекина својата негативна серија од два порази вклучувајќи го и дебаклот од 9-3 против Ванкувер, додека Далас ја прекина серијата од две врзани победи. На табелата на Западот, Далас е третопласиран, додека Бостон убедливо води на Истокот.



