На денешната НХЛ програма беа само два натпревари. Првиот беше одигран во Детроит помеѓу домашните Ред Вингс и гостинските Колорадо Аваланш кои славеа со 1-2. Вториот дуел беше одигран во Нешвил помеѓу Нешвил Предаторс и Едмонтон Оилерс.
После првата третина, Едмонтон водеше со 0-2 благодарение на головите на Џош Арчибалд и Леон Драисаитл. Втората третина, со резузлтат од 3-1, замина во корист на Нешвил. Стрелец на голот за Едмонтон беше Каилер Јамамото, а за Нешвил погодија Роман Јоси, Кале Јарнкрок и Ник Бонино. За Јоси, ова беше шеснаесетти погодок сезонава што е негов најефикасен учинок во кариерата во регуларниот дел од сезоната. Во третата третина настана потполно фијаско на Нешвил – Едмонтон постигна пет погодоци за конечен резултат од 3-8. Конор МекДејвид и Зек Касиан постигнаа по еден погодок, а трипати во третината односно четири пати на натпреварот поентираше Леон Драисаитл. Германецот е водечки на табелата со најмногу освоени поени (107) пред соиграчот МекДејвид (94).
Дуелот на овие два ривали беше трет меѓусебен дуел сезонава. Првите два, исто така ги доби Едмонтон со 4-2 и 3-2. На табелата, Едмонтон изби на петтото место на Западот, додека Нешвил е осмопласиран. Двете екипи немаат обезбедено плејоф, а за истиот ќе се борат до самиот крај имајќи во предвид дека во интервал од седум поени се наоѓаат дури шест екипи, од кои три ќе изборат доигрување.



