Тур д Ски е годишна манифестација што оваа сезона ќе трае од 28. декември до 5. јануари. Во овие девет дена, скијачите ќе се тркаат вкупно седум пати. По трет пат, почетен домаќин е Ленцерхајде, а освен во ова швајцарско место, Тур д Ски ќе се одвива и во Тоблах и во Вал ди Фиеме.
На денешната програма беа трките од мас старт и во машка и во женска конкуренција. Дамите се тркаа на десет километри, а убедливо славеше фаворитката Терезе Јохауг. Норвежанката зад себе ги остави Хајди Венг, Еба Андерсон и Ингвилд Флугштад Остберг кои заостануваа од 12.3 до 13.1 секунди.
„Мојата тактика беше да го почнам првиот круг побавно, а да убрзам во вториот и тоа ми успеа. Навистина сум среќна.” – изјави Јохауг после трката.
Кај мажите, трката беше долга 14 километри. До самиот крај првите две позиции ги држеа Русите Устиугов и Болшунов. Устиугов стигна до победата со четири секунди предност пред Болшунов, кој во последните метри, во фото-финиш, ја загуби втората позиција од Норвежанецот Клебо. Првите десет скијачи беа сместени во заостаток од десет секунди, а таму се најдоа Иверсен, Нјенгет, Колоња, Холунд, Јенсен, Роте и Кругер. Устиугов стана третиот скијач што победил барем една трка на четири последователни изданија на Тур д Ски. Освен него, ова достигнување го остварија и Петер Нортуг кој славеше на трка вкупно осум последователни години (2008-2015) и Алексеј Полторанин (2013-2016).



