Изминатиот викенд, во којшто се тркаа скијачите од Светскиот куп во алпско скијање, беше предвиден да се одржува во Вал д’Изер.
Сепак, поради недостаток на снег, истиот беше преместен во Санта Катерина. Во италијанскиот ски-центар, ситуацијата беше поразлична, така што вториот велеслалом, поради многу снег, наместо вчера, беше одржан денес.
На денешното натпреварување, потполно издоминира Швајцарецот Марко Одермат, кој водеше после првата серија, а накрај стигна и до втората победа во кариерата.
Битката за второто место беше најжестока, имајќи во предвид дека шест скијачи ги делеа само осумнаесет стотинки. Помеѓу нив, на подиумот завршија Томи Форд (+0,73) и Филип Зубчиќ (+0,75), кој напредна дури од 21. позиција. После нив следуваа: Лоик Мејар (+0,78), Алексис Пантуро (+0,82), Лука де Алипрандини (+0,86) и Леиф Кристијан Хауген (+0,91), кои воедно беа единствени со заостаток под една секунда. Адам Жампа (+1,01), Александер Шмид (+1,09) и Ерик Рид (+1,13) го заокружија пласманот во првите десет.



