Еден од нашите ретки пејачи со милионски прегледи на платформата ,,ЈуТјуб”, Ѓоко Јовиќ, неодамна го сними уникатниот видеозапис за новата нумера посветена на Македонија.
Имено, песната ќе доживее премиера најдоцна до Нова година на охридската ТВ ,,Ин”, а освен со емотивниот текст, ќе се одликува и со спот што е досега невиден на овие простори.
Станува збор за видео снимено на неколку локации во Скопје и на Скопска Црна Гора, во придружба на егзотична птица – американскиот пустински јастреб Харисон.
Оваа граблива птица е единствена во Македонија од својот вид и е во потполност одгледувана и дресирана од страна на нашиот најдобар соколар – Трајче Китановски.

Во оваа пригода, Китановски ексклузивно за ,,Јави се јужна” одговори на следните прашања:
Како дојде до меѓусебната соработка помеѓу Вас и нашиот популарен пејач?
- Соработката се случи некако по ,,дифолт” и за жал, не можам да откријам многу околу песната, но слободно можам да кажам дека во песната си претпоставувате дека се спомнува грабливка, па по тој повод, прв на ум на Ѓоко сум му паднал јас. Ми го објасни проектот детално, па познавајќи го Ѓоко каков перфекциониста е, не се двоумев многу. Несомнено песната ќе биде хит, тоа можам да ви го потврдам од прва рака како еден од првите, кои ја слушнал.
Каква задача имаше јастребот Хари во спотот и дали ја исполни според очекувањата?
- Хари како и секоја грабливка што асоцира слобода, спокој, возвишеност, непокор, во прекрасниот спот имаше задача да ги пренесе чувствата на синот што ги има кон својата мајка. Задачите сите ги исполни хахха, не за џабе велам дека е роден глумец. Јас и тој се разбираме со поглед.




