Денес, во швајцарскиот Енгадин, беа одржани последните натпреварувања од Светскиот куп во крос-кантри во оваа сезона.
Имено, на програмата беа должинските трки, односно 30 километри за жени и 50 километри за мажи, базирани на вчерашните резултати.
Кај дамите, во отсуство на Фрида Карлсон и на Терезе Јохауг, најбрза на 30-километарската делница беше Хајди Венг (1:28:11,6).
Зад неа, на подиумот се пласираа Еба Андерсон (+4,5) и Јулија Ступак (+33,7).
Во оваа сезона, за првпат во историјата, скијачка што не е од Европа го освои Светскиот Куп. Станува збор за Џеси Дигинс, која е новата шампионка, а воедно и актуелна освојувачка на Тур д ски.
Во машка конкуренција, Симен Хегштад Кругер (2:10:41,4) беше победник на најдолгата трка, оставајќи ги зад себе на подиумот Ханс Кристер Холунд (+1,2) и Јенс Бурман (+3,0). За Бурман, ова беше прв пиедестал во кариерата.
Во топ 5 се пласираа уште двајца Норвежани, Јоханес Клебо (+13,0) и Паал Голберг (+14,7), а на шестото место (+17,7) заврши новиот шампион на Светскиот куп – Александер Болшунов.
📸 Laurent Salino/Agence Zoom/Getty Images



