Екипата на Портсмут повеќе нема да биде предводена од Кени Џекет, кој денес си поднесе оставка од кормилото на ,,Помпи”.
59-годишниот Џекет беше тренер на ,,Сините” од 2017 и успеа да ги доведе до два настапи во плејофот на Лиг 1, како и до освојување на ЕФЛ Трофи во 2018/19.
Џекет исто така беше единствен тренер од Втората Светска војна наваму, што го предводел Портсмут до девет победи во низа во текот на минатата сезона.
Што се однесува до тековната сезона, Портсмут повторно се наоѓаше во борбата за самиот врв, но со серијата од пет порази на последните седум средби дури излезе од плејоф-зоната.
Кулминација на негативната низа беше и вчерашниот пораз на пенали од четвртолигашот Салфорд во финалето на ЕФЛ Трофи, каде што Портсмут беше бранител на титулата.
Џекет не беше миленик на навивачите, иако имаше две солидни сезони. Имено, поранешниот фудбалер на Вотфорд учествуваше во вербални конфликти со неколку свои фудбалери.
Од нив, најквалитетен беше напаѓачот Брет Питман, кој беше принуден да замине во Свиндон во летниот преоден рок.
📸 Robin Jones/Getty Images



