Капитенот на репрезентацијата на Црна Гора, и ракометар на француски Истр, Васко Шеваљевиќ (32) во следните 18 месеци ќе биде член на тимот на Вардар 1961. Шеваљевиќ веќе утре ќе пристигне во Скопје и ќе се приклучи на тренинзите на тимот.
Шеваљевиќ игра на левата бековска позиција и ќе биде засилување за „црвено-црните“ во пролетниот дел на сезоната во која вардарци имаат многу згуснат календар. Црногорецот нема да биде во составот за средбата со Војводина што се игра утре попладне во 17,45 часот, но ќе конкурира кај тренерот Алушовски за следните дуели, па и оној со Нексе на 1 февруари во Скопје.
Шеваљевиќ потекнува од Ловќен, Црна Гора а во кариерата има играно и за екипите на Сан Антонио (Шпанија), Динамо Минск (Белорусија), Хановер (Германија), Тулуз (Франција), Трембле (Франција) и во последните две години во Истр (Франција).
Фото и извор: RK Vardar 1961



