Хејвардс Хит Таун ФК е фудбалски клуб базиран во истоименото англиско гратче во Западен Сасекс во јужниот дел на британскиот остров. Овој клуб моментално се натпреварува во Југоисточната дивизија на Истмијан Лиг што соодветствува на осмата англиска фудбалска дивизија, а домашните натпревари ги игра на „Хенбери Парк“ од 1952 година.

Основање:
Во март 1888, клуб од Хејвардс Хит заиграл фудбал за првпат што довело до формирање на Хејвардс Хит Јуниорс. Јуниорс, во 1894 го промениле својот назив во Екселсиор, а само една година подоцна станале Хејвардс Хит ФК, годината кога го добиле и првиот домашен терен. Станува збор за „Викторија Парк“ – домот на „Сините“ до 1952.
Почеток на ХХ век:
Во 1900, Хејвардс Хит го освоил првиот трофеј – Сасекс Јуниор Куп (вреди да се напомене дека терминот „Јуниор“ означува клуб со аматерски статус, а не возрасна категорија). Една сезона подоцна, бил еден од основачите на Мид-Сасекс Лиг, од каде што доживеал релегација во 1908. Во меѓувреме, во четири од воведните пет сезони, Хит бил вицешампион на оваа лига. Сепак, шампионски се вратил во истата во 1911/12, кога ја освоил втората дивизија. Од 1919 до 1925, Хејвардс четири пати ја освоил Мид-Сасекс Лиг, притоа еднаш без ниеден пораз во текот на целата сезона.
Средина на ХХ век:
Во 1926 година, Хејвардс се префрлил во Брајтон Хоув енд Дистрикт Лиг, којашто ја освоил уште при првиот обид, а веднаш потоа се вратил во Сасекс, но овој пат во Сасекс Каунти Лиг. Во оваа лига, клубот завршувал на првите четири позиции во првите пет сезони, но после неполна деценија ја заземал последната позиција.
Во 1941/42, Хејвардс триумфирал во Сасекс Каунти Куп, а во првата сезона после Втората светска војна ја освоил и Источната дивизија на Сасекс Каунти Лиг. Следната година, двете дивизии се споиле во една, а Хејвардс повторно доминирал, пред сè во 1949/50 и во 1950/51, кога бил шампион.
Во 1952, од „Викторија Парк“, клубот се преселил на актуелниот „Хенбери Парк“, а со самото тоа се преселил и во Метрополитан Лиг, каде што во тој период играле резервните состави на неколку лондонски фудбалски гиганти како Вест Хем, Тотенхем, Челзи и Арсенал. Првите сезони во новата лига биле релативно солидни кулминирајќи со освоено петто место во еден наврат, но во 1960/61, Хејвардс бил отстранет, заземајќи го последното место, враќајќи се во Сасекс Каунти Лиг.
Крај на ХХ и почеток на ХХI век:
Во Сасекс Каунти Лиг речиси во целост се повториле случувањата од почетокот на векот. Имено, Хејвардс ја освоил лигата (1969/70) заедно со Лига Купот (1972/73). Следувала релегација после пет години од последниот трофеј, а следствено на тоа и нова титула од втората дивизија во 1985/86, на којашто ѝ претходел освоениот Дивизија 2 Куп (1983/84).
Во 1988, на стогодишнината од основањето на клубот, било присвоено денешното име, односно бил додаден терминот „Таун“ што го отсликувал статусот на градот.
Хејвардс Хит бил релегиран во третата дивизија на Сасекс Каунти Лиг, после двете последователни релегации од 1992 и од 1993. Во 2000/01 и во 2008/09, „Сините“ го освоиле купот на третата дивизија како членови на истата, иако во меѓувреме, во еден наврат, поминале една сезона во втората.
ХХI век:
Во 2015, Сасекс Каунти Лиг беше ребрендирана во Саутерн Комбинејшн Фудбал Лиг, а со самото тоа, втората дивизијата, каде што играше Хејвардс, стана прва. Титулата беше освоена уште во првата новоименувана сезона со што се избори пласман во Премиер дивизијата.
Во сезоната 2016/17, Хејвардс ја освои Премиер дивизијата, но поради проблеми надвор од теренот, доби казна од девет поени што резултираше со уште една сезона во истото натпреварување. Сепак, 2017/18, на оваа титула ѝ беше додадена и титулата од Питер Бентли Лиг Челенџ Куп за промоција во Југоисточната дивизија на Истмијан Лиг.
Сезоната 2018/19 беше дебитантска во сè уште актуелната лига и во неа, Хит заврши на петтото место, обезбедувајќи плејоф. Во истиот, беше поразен од Хоршам, кој избори промоција во Премиер дивизијата на Истмијан Лиг, односно во седмата лига. Паралелно со тоа, клубот од Западен Сасекс пружи солидни партии во регионалните натпреварувања, стигнувајќи до финалето на Сасекс Ројал Алстер Рифлс Черити Куп и до полуфиналето на Сасекс Сениор Куп, каде што го порази професионалниот Кроули Таун на гостински терен.
Сезоната 2019/20, доколку не беше прекината, ќе му овозможеше на Хејвардс Хит да се бори за промоција во седмата лига за првпат во својата историја.
📸 Cover photo: Twitter: Haywards Heath Town FC



