
Актуелниот шампион, Рјоју Кобајаши, ја пронајде својата скокачка форма од минатата сезона на домашната скокалница ,,Окурајама” во Сапоро, Јапонија.
Имено, на првите две натпреварувања, Јапонецот освои едно прво и едно трето место, додека на третото скокање, дојде до втората овосезонска победа.
Лидерот после првиот дел, Халвор Егнер Гранеруд, го зазеде второто место и значително му се приближи на првопласираниот во генералниот пласман, Давид Кубацки, кој беше единаесетти.
Подиумот на денското натпреварување во Сапоро го комплетираше Маркус Ајзенбихлер, кој и’ го донесе на Германија само вториот овосезонски пиедестал.
Словенецот Домен Превц ја освои четвртата позиција, а благодарение на скокот од 143,5 метри, петтопласиран беше Јохан Андре Форфанг.
Во првите десетмина се најдоа уште: Петер Превц, Даниел Чофених, Пјотр Жила, Анже Ланишек и Тими Зајц.