
Во периодот од 1 до 24 јули ќе се одржи вториот велосипедски спектакл во 2022, односно сто и деветтото издание на Тур д Франс.
Трката, традиционално, ќе се состои од дваесет и една етапа, од кои првите три ќе се одржат во Данска, а останатите осумнаесет – во Франција.
Велосипедистите ќе извозат вкупно 3328 километри, а на програмата има два хронометри, по шест рамни и планински, односно седум ридски етапи.
На стартот ќе се појават дваесет и две екипи со по осум претставници, односно вкупно сто седумдесет и шест возачи.
Најбројна нација ќе биде Франција (32), а двоцифрен број на претставници ќе имаат уште Белгија (18), Италија (14), Данска (10) и Холандија (10).
Од претходните победници, оваа година ќе настапат само тројца, односно ветеранот Крис Фрум (2013, 2015, 2016, 2017), Герент Томас (2018) и Тадеј Погачар (2020, 2021).
Токму Погачар, заедно со својот сонародник, Примож Роглич, важи за главен фаворит на овогодинешното издание на Тур д Франс, особено поради отсуствата на младите Ремко Евенепоел и Жоао Алмеида, на повредениот Жулиен Алафилип и на шампионот на Џиро д’Италија – Џаи Хиндли.
Во потесниот круг на фаворитите спаѓаат уште вицешампионот од 2021, Јонас Вингегаард, Воут ван Аерт, Матје ван дер Поел, Адам Јејтс, Кејлеб Уан и Рафал Мајка.
На 24 јули, кога возачите ќе ја поминат целната линија на Елисејските полиња во Париз, ќе започне премиерното издание на Тур д Франс и во женска конкуренција.