Дванаесеттото коло од англискиот Чемпионшип донесе нов лидер за првпат во новата сезона.
Имено, со поразот од Барнмут од 4-2, Рединг автоматски им ја препушти првата позиција на денешните ривали, кои ја задржаа само неколку часа.
За составот на Вељко Пауновиќ, ова беше четврти последователен пораз по воведните седум врзани триумфи.
Вотфорд одлично го отвори мечот со КПР, со голот на Бен Вилмот (3′) и стана новиот водечки тим во втората лига. Сепак, ,,Стршлените” примија погодок од ,,Ренџерите” во 77. минута, кога Илијас Чер го постави конечниот резултат од 1-1.
Од целата ситуација профитира Норвич, кој го доби Мидлсброу со 0-1 и ќе остане на врвот најмалку три дена. Имено, ,,Канаринците” им го нанесоа првиот пораз после девет средби на играчите предводени од Нил Ворнок, кои промашија пенал во 50. минута. Победата на минатосезонскиот премиерлигаш му ја донесе Теему Пуки (72′), кој за разлика од Маркус Таверниер, го реализира ударот од белата точка.
Накрај, најголем губитник беше Рединг, кој, од првата, падна на шестата позиција. Првите седум екипи се наоѓаат во само три бодови разлика, а истите се распоредени по следниот редослед:
- Норвич (24 поени)
- Барнмут (23 поени)
- Бристол Сити (23 поени)
- Свонси (22 поени)
- Вотфорд (22 поени)
- Рединг (22 поени)
- Стоук (21 поен)



