Втор викенд по ред, мотоциклистите од Мото 3, од Мото 2 и од МотоГП се тркаа на патеката во Мизано, но овој пат за големата награда на Емилија Ромања.
Од пол-позицијата во „кралската“ класа, по дванаесетти пат во кариерата и вторпат во низа, стартуваше Маверик Вињалес, кој стигна до третата победа после освоена пол-позиција и прва во Мизано. Освен Шпанцот, на подиумот се пласираа Жоан Мир и Фабио Квартараро. Сепак, Квартараро доби казна од три секунди по завршувањето на трката, така што си ја замени позицијата со Пол Еспаргаро, кој како четврти ја помина целната линија.
Поени освоија сите тринаесет возачи што ја завршија трката, односно Мигел Оливеира, Такаки Накагами, Алекс Маркез, Андреа Довициозо, Франко Морбидели, Данило Петручи, Жоан Зарко, Алекс Ринс и Бредли Смит.
Во вториот круг, несвојствена грешка на кочењето направи Валентино Роси и излета од патеката, а само неколку кривини подоцна, истата судбина го снајде и Бред Биндер.
Во деветтиот круг, конкуренцијата на патеката остана и без Џек Милер, кој поради технички проблеми се паркира во гаражата предвремено.
На седум кругови пред крајот се случи најлошото можно сценарио за Италијанците и за тимот на „Прамак Рејсинг“. Имено, Бањаја имаше удобна предност на првото место во однос на второпласираниот Вињалес и беше на чекор до првата победа во кариерата, но поради банална грешка излета од патеката.
Ситуацијата во генералниот пласман не може да биде поинтересна. Имено, во четири поени се наоѓаат првите четири возачи – Довициозо е прв со осумдесет и четири поени, по осумдесет и три имаат Вињалес и Квартараро, а Мир е четврти со осумдесет.



