Момчето што го сруши рекордот на Сергеј Бубка, Арманд Дуплантис, ја оправда фаворитската улога на ЛОИ 2020 во скок со стап.
Имено, 21-годишниот Швеѓанец дојде до првата олимписка титула со прескокнати 6,02 метри.
Дуплантис речиси сигурно ќе го срушеше олимпискиот рекорд од 6,03 метри, но неуспешно се одлучи директно да прескокне височина од 6,19 што воедно ќе беше и нов светски најдобар резултат на сите времиња.
Сребро за САД и покрај отсуството на ѕвездата Сем Кендрикс, донесе дебитантот на ЛОИ, Кристофер Нилсен, кој постави нов личен рекорд од 5,97 метри.
Бронзата отиде во рацете на шампионот од Рио 2016, Тијаго Браж, благодарение на неговиот личен најдобар резултат од тековната сезона – 5,87 метри.
Со нов личен рекорд се здоби и Гркот Емануил Каралис (5,80), пласирајќи се на одличното четврто место.
Иста височина како него, но со повеќе грешки, прескокнаа уште Кејси Лајтфуд, Пјотр Лисек и Хари Копел.
Големото финале беше осиромашено поради фактот дека еден од конкурентите за титулата, Рено Лавилени, поради повреда заврши на осмото место (5,70).