Актуелната шампионка, Петра Влхова, ја запиша дваесет и првата победа во својата кариера, откако беше најбрза на првиот слалом во сезоната од Светскиот куп во алпско скијање.
Словачката скијачка ги заврши двете серии за вкупно време од 1:46,19, триумфирајќи за првпат сезонава во Леви, Финска.
Традиционално за Леви, победничката беше приморана да му даде име на еден млад ирвас, кој овој пат беше наречен Михал, по името на нејзиниот партнер.
На втората позиција се најде нејзината најголема конкурентка, Микаела Шифрин (+0,31), која се опоравуваше од повреда на грбот во текот на минатиот викенд.
На третото место се пласира Германката Лена Дир (+0,84), благодарение на второто најбрзо скијање во втората серија.
Сензационалната победничка од претходната трка, Словенката Андреја Слокар (+1,12), се пласираше на четвртото место, а како петта заврши Ана Свен-Ларсон (+1,13) во својата прва трка после тешката повреда од минатата година.
Во продолжение, во топ 10 се пласираа уште: Катарина Линсбергер (+1,28), Венди Холденер (+1,50), Мишел Гизин (+1,63), Сара Хектор (+1,92) и Теа Луис Стјернесунд (+2,01).