
Колорадо Аваланш ја запишаа петтата победа во низа, откако синоќа, во голеадата на домашен терен, ги поразија Отава Сенаторс со 7-5.
После првата третина, резултатот на семафорот гласеше 2-2, додека во пресрет на втората пауза, екипите постигнаа уште по еден гол за тогашни 3-3.
Во првите десет минути од третиот период, ривалите сè уште беа изедначени со 5-5, а со двата погодоци во последните 93 секунди, Колорадо го обезбеди својот триумф.
Од редовите на Сенаторс, Закари Сенфорд постигна хет-трик, додека по еднаш, мрежата на Дарси Кемпер ја затресоа Артјом Зуб и Џош Норис.
На спротивната страна, во листата на стрелците се запишаа шест различни играчи: Кејл Макар (х2), Валери Ничушкин, Девон Тјус, Мико Рантанен, Алекс Њухук и Назем Кадри.
Позитивната серија го искачи Колорадо на деветтото место на Западот, додека Отава е последен тим во Источната конференција.



