
Винипег Џетс ја запишаа втората победа на последните три средби, откако синоќа, во голеадата, ги надиграа Њу Џерси Девилс со 8-4.
Мечот се состоеше од три голгетерски серии при кои Винипег поведе со 3-0, Њу Џерси направи пресврт на 3-4, па Џетс дојдоа до конечните 8-4.
Првата низа траеше неполни осум минути и во неа, за Џетс стрелаа Марк Шајфеле, Николај Елерс и Кристијан Весалаинен.
Во втората серија, односно прва на Девилс, мрежата на Конор Хелебајк ја затресоа Дамон Северсон, Џек Хјус, Нико Хишиер и Рајан Грејвс.
За крај, Шајфеле го комплетираше својот хет-трик, Елерс го заби вториот гол на мечот, а по еднаш во листата на стрелците се запишаа Џош Мориси и Адам Лаури.
На Истокот, Њу Џерси се наоѓа на единаесеттата позиција, додека Винипег е деветти во Западната конференција.