Во 44. коло од тековната сезона во англискиот Чемпионшип, силите ги одмерија Виган и Хал Сити. Домаќините, на својот „ДВ Стадиум“, ја запишаа најубедливата победа во својата историја во којашто ги совладаа „Тигрите“ од Хал со неверојатни 8-0. Веќе на полувремето беше извесно кој ќе биде победникот бидејќи Виган водеше со 7-0 по првите 45 минути.
Стрелци на головите беа: Нејсмит (1′), Мур (27′ и 40′), Дауел (32′, 42′ и 65′), Лоу (37′) и Вилијамс (45+1′).
Ова е неверојатно достигнување за тимот од околината на Манчестер имајќи во предвид дека од неодамна се во стечај поради отстапувањето на веќе поранешниот сопственик. Виган моментално опстојува од донации на фановите, но се очекува во блиска иднина да биде повторно откупен. Имено, веќе неколку сериозни компании се заинтересирани за купување на освојувачот на ФА Купот во 2013.
Со оваа победа, Виган скокна на тринаесеттото место оставајќи го Хал во опасната зона со 45 освоени поени односно бод помалку во однос на „сигурниот“ Чарлтон.