Тампа Беј Лајтнинг поведе со 2-1 во четврт-финалната серија против Бостон Бруинс, откако синоќа забележа убедлива победа од 1-7.
После првите две третини, резултатот веќе беше 1-6, а единствениот гол за вицешампионите го постигна Бред Маршан за тогашни 1-3.
Од друга страна, седумте голови на Тампа, беа дело на шест различни хокеари. Единствен со два погодоци беше Алекс Килорн, а по еден запишаа Ондреј Палат, Јани Гурд, Михаил Сергачјов, Брејден Поинт и Никита Кучеров.
Имено, на средината на втората третина, тренерот на Бостон, Брус Кесиди, направи измена на голманската позиција – од игра излезе Јарослав Халак, а влезе дебитантот Дан Владар.
Владар стана првиот голман на Бруинс што дебитирал во НХЛ на плејоф натпревар, а воедно и прв таков голман во цела лига после Џејк Ален на 30 април 2012, кој дебитирал за Ст. Луис Блус.



