
Првото реми од досегашниот дел на Светското фудбалско првенство во Катар го ,,режираа” САД и Велс, кои одиграа нерешено со 1-1.
Во првото полувреме, Американците доминираа и заслужено поведоа со четвртиот гол во националниот тим на Тимоти Веа (36′).
Воедно, Тимоти стана првиот син на еден освојувач на ,,Златната топка”, кој заиграл на СП, имајќи го предвид фактот дека неговиот татко, Џорџ Веа, се закити со оваа награда во 1995.
Во вториот дел, Велс ја презеде иницијативата и стигна до израмнување со голот од пенал на Герет Бејл (п. 82′) на неговиот рекорден 109. настап за Велс.
На овој начин, Велшаните се вратија на светската сцена после 64 години, делејќи го второто место во групата Б со САД после првото коло, позади Англија, која го декласираше Иран со 6-2.