Екипата на ЛА Лејкерс го запиша седмиот пораз на последните девет средби, откако синоќа загуби со 128-110 од Далас Маверикс.
Маверикс водеа во текот на цел натпревар, постигнувајќи дури 43 поени во првата четвртина, односно 82 поени во првото полувреме.
Од победничките редови, трипл-дабл постигна Лука Дончиќ (34 поени, 12 скокови и 12 асистенции), а втор стрелец беше Реџи Булок со 17 кошеви.
Дончиќ, на овој начин, се израмни со легендарниот Вилт Чемберлејн на петтото место во историјата на НБА лигата со најмногу трипл-дабл учиноци со по 30+ поени.
На спротивната страна, Расел Вестбрук и Малик Монк беа најрасположени во офанзивата со 25, односно со 28 кошеви.
Со овој пораз, Лејкерс (31-44) паднаа на единаесеттата позиција на Западот, додека Далас (47-29) го држи четвртото место.