
Синоќа, Нешвил Предаторс славеа над Отава Сенаторс со 4-1 и ја продолжија победничката низа на домашен терен на меѓусебните дуели, која датира од 12 јануари 2014.
На мечот, во петтата минута, претставниците на Канада дојдоа до почетно водство од 0-1, благодарение на Брејди Ткачак, кој ја искористи играчката предност на својот тим.
Сепак, иако имаа играч помалку на ледената плоча, до крајот на првата третина, Предаторс израмнија преку Мајкл МекКерон, а истиот хокеар го комплетираше пресвртот во вториот период.
При резултат од 2-1, пенал за Сенаторс промаши Конор Браун, а конечниот триумф за Нешвил го обезбедија Танер Жано и Мет Душен.
Голманот на домаќините, Јуусе Сарос, одигра одлична партија и имаше 36/37 одбранети противнички шутеви (97,3%).
Во Западната конференција, Нешвил изби на четвртата позиција, додека Отава е претпоследен тим на Истокот.