За првпат после 2013, кога воедно беа и вицешампиони, Менли Си Иглс изборија пласман во полуфиналето на НРЛ.
Претставниците на северните делови на Сиднеј, во денешното четврт-финале, ги елиминираа градските ривали, Сиднеј Рустерс, декласирајќи ги со 42-6.
Си Иглс стекнаа предност уште во шестата минута, која ја држеа и ја зголемуваа до самиот крај.
За Рустерс, најпрво на 18-4 намали Мет Икувалу (24′), а пред истекот на полувремето, Адам Кигран погоди пенал за 24-6.
Од друга страна, номиналните домаќини постигнаа седум есеи, од кои два беа на австралискиот Србин – Том Трбојевиќ (5′, 45′).
Освен него, топката ја положија уште Киран Форан (11′), Дели Чери-Еванс (17′), Морган Харпер (31′), Дилан Вокер (47′) и Џејсон Сааб (68′), а Рубен Герик успешно конвертираше седум пати.
Во полуфиналето, Менли ќе се соочи со актуелните шампиони, Мелбурн Сторм, кои воедно беа и првопласирани после регуларната сезона.