Петтото издание на турнирот во снукер ,,Нортерн Ајрленд Опен”, наместо во Белфаст, Северна Ирска, поради пандемијата беше одржено во Милтон Кинс, Англија.
Во финалето, по третпат во низа, се соочија велемајсторите Џад Трамп и Рони О’Саливен.
Во 2018 и во 2019, Трамп славеше над искусниот противник со 9-7.
Истиот резултат се покажа како конечен и на денешното трето последователно финале. За Трамп, ова е вкупно дваесетта јубилејна титула на рангираните турнири.
Моменталниот број еден во светот доминираше во текот на целото финале, водејќи и со 7-3 после десеттиот фрејм.
На патот до финалето, Трамп ги елиминира Џерард Грин (4-1), Гао Јанг (4-0), Лука Бресел (4-3), Мартин Гулд (4-1), Скот Доналдсон (5-1) и Дејвид Грејс (6-2), притоа правејќи максимален брејк од 147 поени во втората рунда.
Од друга страна, О’Саливен успеа да триумфира над следните противници: Џејми О’Нил (4-1), Елиот Слесор (4-1), Метју Стивенс (4-2), Тепчаија Ун-Ноох (4-2), Динг Џунхуи (5-2) и Али Картер (6-3).