Првиот натпревар од новата КХЛ сезона што беше решен после продолжение, го одиграа две екипи од Источната конференција.
Имено, Трактор Чељабинск го порази Сибир Новосибирск со 3-2, комплетирајќи го целосниот пресврт на петнаесет секунди пред потенцијалната пенал-серија.
Гостите поведоа со 0-2 после девет минути игра со головите на Никита Коротков и на Ник Шор.
Само минута и пол подоцна, дефицитот на домаќините го намали најдобриот стрелец од минатогодишната сезона на ВНЛ – Никита Тертишни.
Продолжение за Трактор избори Алберт Јарулин на три и пол минути пред крајот, искористувајќи ја последната секунда од пауер-плејот на својот тим, а во продолжението, два поени на домашниот состав му донесе искусниот Ник Бејлен.