
На денешната програма од Светскиот куп во крос-кантри беа трките на дистанца во шведскиот ски-центар Фалун, кои беа последни во сезоната во индивидуална конкуренција.
Кај мажите, најбрз на петнаесет километри беше Дидрик Тонсет (31:57,6), кој победи на трка од Светскиот куп за првпат после 13 декември 2014.
На втората позиција заврши ветеранот Кале Халфварсон (+9,0), пласирајќи се на подиумот после 25 ноември 2018, а третопласиран беше дебитантот на пиедесталот – Харалд Остберг Амундсен (+20,4).
Во првите петмина се пласираа уште двајца Норвежани, односно Ханс Кристер Холунд (+21,2) и Мартин Левстром Нингет (+23,6).
Со големиот кристален глобус се закити шампионот од 2018 и од 2019, Јоханес Клебо, кој ја загарантира титулата со исфрлувањето на руските скијачи поради војната со Украина.
Во женска категорија, со јубилејниот стоти триумф од легендарната кариера се опрости Терезе Јохауг (22:34,4).
На второто место се пласираше Јона Сундлинг (+35,9), а Џеси Дигинс (+36,3) го комплетираше подиумот и се закити со вицешампионски наслов.
Пласман во топ 5, исто така, изборија Криста Пармакоски (+38,2) и Хајди Венг (+42,7).
И покрај исфрлувањето на Русите, големиот кристален глобус го освои Наталија Непрјаева, која беше убедливо најдобра во текот на целата сезона.