Четвртиот натпревар од 1/16-финалената серија помеѓу Минесота Вајлд и Ванкувер Кенакс беше одигран синоќа. Најпрво, Минесота поведе во серијата со вкупни 1-0, но синоќа Ванкувер го комплетира својот пресврт и од 1-0 дојде до 3-1 односно пласман во осмина-финалето.
Канадските претставници славеа со резултат од 4-5 после продолжението, во доста интересен натпревар.
Првата третина заврши со предност на Минесота од 2-1 со головите на Лук Кунин и Ерик Стаал, додека за Кенакс погоди Танер Пирсон. На почетокот на втората третина, Минесота, преку Џоел Ериксон зголеми на 3-1. Со головите на Брендон Сутер и на Квин Хјуз, Ванкувер израмни на 3-3, но до крајот на третината, Минесота си ја поврати предноста откако Нико Штурм стрелаше за 4-3.
Единствениот гол во третиот дел го постигна Бо Хорват, кој израмнувајќи на 4-4, го однесе натпреварот во продолжение. После само единаесет секунди игра во продолжението, Канаѓанецот Кристофер Танев заби погодок за победа на Кенакс од 4-5. Овој гол е најбрз плејоф гол што завршил плејоф серија во историјата на НХЛ: Танев го дели рекордот со Џеј Пи Парис, кој во 1975 забил играјќи за Њујорк Ајландерс. Исто така, гореспоменатиот Квин Хјуз, со шест поени во серијата, стана рекордер помеѓу дефанзивните дебитанти на Кенакс за најголем број на освоени поени во една плејоф серија.