Поради лошата пандемиска слика во Флахау, седмиот овосезонски слалом од Светскиот куп во алпско скијање во женска конкуренција беше преместен во Шладминг.
Имено, најтехничката дисциплина се врати во Шладминг после една деценија, при што, на нејзиното последно издание, подиумот го исполнија три пензионирани скијачки – Микаела Киргасер, Вероника Зузулова и Марлиес Шилд.
На денешната трка, по вторпат во слалом во тековната сезона, славеше Микаела Шифрин (1:32,66), иако беше петтопласирана после првата серија.
Со четириесет и седмата слаломска победа во кариерата, Шифрин постави нов светски рекорд во истата дисциплина.
Актуелната шампионка, Петра Влхова (+0,15), не ја одбрани предноста од првото скијање и заврши на второто место, а третиот овосезонски подиум го освои Лена Дир (+0,93).
Зад нив, четвртата позиција ја поделија Камил Раст и Кјара Маир (+1,05), а во топ десет се пласираа уште: Леона Поповиќ (+1,37), Мина Фирст Холтман (+1,50), Лоренс Ст. Жермен (+1,51), Амелија Смарт (+1,68) и Марија Терезе Твиберг (+1,72).
Од десетте првопласирани после првата серија, без бодови, поради грешки во вториот дел, останаа Пола Молтцан, Али Налмајер и Венди Холденер, а на стартот погреши уште Мишел Гизин.