Најквалитетната лига за рагби лиг во светот, австралиската НРЛ, по две сезони, конечно (за неутралните навивачи) ќе добие нов шампион.
Имено, актуелните шампиони, Сиднеј Рустерс, не успеаја да стигнат до третата титула во низа бидејќи, во четврт-финалето беа поразени со 18-22 од Канбера Рејдерс.
Претставниците на главниот град на Австралија направија почетна серија од 16-0 со есеите на Папали, на Вилијамс и на Татин, односно двете конверзии на Кроукер.
До крајот на полувремето, Тедеско и Фланаган комбинираа за полн есеј на Рустерс и заминување на пауза со 6-16.
Во вториот дел паднаа три полни есеи, од кои, првиот и третиот отидоа на контото на Рустерс, а поентираа Ману и Тедеско, со конверзиите на Фланаган. За Канбера, есејот го постигна Вајтон, а Кроукер по третпат беше прецизен за дополнителни два поени.
Ова беше вкупно трет меѓусебен дуел сезонава за втора победа на Канбера и пласман во полуфиналето против Пенрит Пантерс или против Мелбурн Сторм.



