
На Светското У20 првенство во атлетика, одржано во Кали (Колумбија), падна нов светски У20 рекорд на 100 метри во машка конкуренција.
Имено, најголемиот фаворит, Боцванецот Летсиле Тебого, ја одбрани титулата и постави најбрзо време во историјата на оваа категорија од 9,91 секунди.
Тебого дојде до златниот медал на лесен начин и покрај своето славје во последните дваесеттина метри, кое со сигурност му одзеде значителни стотинки.
На второто место заврши Буваџие Нкрумие со нов У20 национален рекорд на Јамајка од 10,02 секунди.
Битката за бронзата беше решена после фотофиниш во кој, Бенџамин Ричардсон (10,12) од ЈАР беше за една илјадинка побрз од Тајланѓанецот Пурипол Боонсон (10,12).




