Првата станица од Светскиот куп во крос-кантри по завршувањето на Тур д ски беше финскиот Лахти, каде што денес се одржаа првите штафети на дистанца во машка и во женска конкуренција.
Од неутрален аспект, одличен е фактот дека на патеките се вратија Норвежаните, кои, поради рестрикции, отсуствуваа речиси два месеци, но недостасуваа неколку врвни натпреварувачи.
Во женска конкуренција, Норвежанките (49:34,4) издоминираа над своите конкурентки, со тоа што Шведска (+42,9) беше втора, а домашната селекција на Финска 1 – трета (+59,5).
За Норвешка скијаа Тирил Уднес Венг, Терезе Јохауг, Хелене Марие Фосесхолм и Хајди Венг; за Шведска – Шарлот Кала, Ема Рибом, Ловиза Модиг и Еба Андерсон, додека за Финска настапија Јохана Матинтало, Керту Нисканен, Лаура Мононен и Криста Пармакоски.
Во машка конкуренција, повторно победи Норвешка (Паал Голберг, Емил Иверсен, Сјур Роте и Симен Хегштад Кругер) со време од 1:07:56,8.
Во борбата за второто место, Финска (+40,9) го доби првиот тим на Русија, во екстремно контроверзна завршница. Имено, Александер Болшунов постапи неспортски, удирајќи го Финецот Јони Меки, кој го претекна во завршниот спринт. Освен Меки, за Финска скијаа Перту Хиваринен, Ристомати Хакола и Иво Нисканен.
Целата ситуација заврши со дисквалификување на Русија 1, односно со подиум на провизорно четвртопласираната Русија 2 (+1:07,2), за која настапија Илја Семиков, Иван Јакимушкин, Андреј Мелниченко и Сергеј Устиугов.
📸 Scanpix