
Натпреварувачкиот викенд во Лилехамер, Норвешка, во рамките на Светскиот куп во крос-кантри, го отвори денешниот спринт.
Кај дамите, по вторпат во оваа дисциплина сезонава, триумфираше Швеѓанката Маја Далквист (3:14,1).
Далквист, во финалето, заврши пред актуелната шампионка, Џеси Дигинс (+0,4) и пред домашната скијачка, Тирил Уднес Венг (+0,8), која го освои првиот подиум во кариерата.
Пласманот во првите шест го комплетираа Ема Рибом (+1,9), Роузи Бренан (+2,4) и Анамарија Лампич (+2,6).
Големо потфрлување од жените приредија Јулија Ступак, Хајди Венг и Наталија Непрјаева, кои не ги поминаа квалификациите.
Во машка конкуренција, до 26. победа во спринт, односно до 41. победа во Светскиот куп, дојде Норвежанецот Јоханес Клебо (2:52,5).
Најголемо изненадување приреди неговиот сонародник, Томас Хеланд Ларсен (+0,5), кој го освои второто место, иако ги помина квалификациите како последнопласиран.
Подиумот го комплетираше Французинот Ришар Жув (+0,7), а во големото финале се пласираа уште Хаавард Солаас Таугбол (+3,0), Лаури Вуоринен (+4,4) и Маркус Грате (+20,7).
Од фаворитите, Федерико Пелегрино, Паал Голберг и Сергеј Устиугов отпаднаа во четвртфиналето, заедно со победникот на првиот спринт во сезоната – Александер Теренцев.



