
За првпат во новата КХЛ сезона, Сибир Новосибирск остана без бодови на домашен терен, откако загуби од Автомобилист Екатеринбург со 3-5.
Гостите стекнаа брза предност од 0-2 уште во првата третина, после која следуваше промена на голманската позиција на Сибир, односно наместо Денис Костин, во игра влезе Антон Красоткин.
Заклучно со почетокот на вториот период, домаќините израмнија на 2-2, но набргу повторно се соочија со двоен дефицит, кој се покажа како недостижен.
За Автомобилист, во листата на стрелците се запишаа пет различни хокеари, односно Олег Ли, Јефим Гуркин, Стефан Да Коста, Сергеј Широков и Анатоли Голишев.
На спротивната страна, мрежата на Јохан Матсон ја затресоа Александер Шаров, Никита Сетдиков и Владимир Бутузов.
Во Источната конференција, Автомобилист се врати на првото место, оставајќи го Сибир на четвртата позиција.